Министерството за транспорт и врски вчера го објави Јавниот оглас за изработка на проектна документација за изградба на пешачка патека од охридскиот плоштад до црквата „Св.Јован Канео“ и поврзување со патека до плажата Лабино. Проценетата вредност на проектната документација без ДДВ е околу 19.000 евра или 1,2 милиони денари.
Во рамки на делот за видот на договорот за јавна набавка пишува дека се работи за категоријата: Архитектонски услуги; инженерски услуги и интегрални инженерски услуги; услуги за просторно планирање и инженерски услуги за уредување на земјиштето; поврзани научни и технички советодавни услуги; услуги за технички испитувања и анализа.
Критериум за доделување на договор е најниската цена, а при постапката ќе се користи електронска аукција.
-Договорниот орган ќе користи електронска аукција како последна фаза во постапката со барање за прибирање на понуди со објавување на оглас. Предмет на аукцијата е вкупната цена на предметот на договорот за јавна набавка, односно најниска цена од прифатливите понуди поднесени во првичната фаза од постапката. Поканите за учество на аукцијата ќе се достават во електронска форма преку ЕСЈН по целосната евалуација на првичните понуди, до сите економски оператори кои доставиле прифатливи понуди во првата фаза од постапката, пишува меѓудругото на јавниот оглас, кој е објавен преку Електронскиот систем за јавни набавки..
Крајниот рок за доставување на понудите е 17-ти декември 2014 година до 10 часот, кога ќе се одржи и јавното отворање на истите. Во огласот пишува дека Период на важност на понудата е 90 денови или до 17-ти март 2015 година.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески пред точно два месеца изјави дека во зависност од проектот за изградба на новата пешачка патека ќе се знае дефинитивната судбина на „Мостот на желбите“.
-Според она какви беа размислувањата на луѓето кои што се занимаваат со оваа тематика, овој мост е потполно небезбеден за пешаците кои што минуваат по него. Ние во овој период се надеваме дека ќе успееме во соработка со стручни лица да извршиме некои корекции во насока на подобрување на безбедноста на овој мост се до конечна реализација на проектот за изградба на пешачка патека. Навистина во овој момент не можам да претпоставам дали мостот на желбите ќе биде претходно отстранет, дали ќе се искористи дел од градбата. Навистина ние не можеме да си дозволиме да ја доведеме во прашање безбедноста на нашите граѓани, изјави Бакрачески на 29-ти септември 2014 година.
Инаку неколку пати до сега од страна на локалната самоуправа беше најавувано дека изградбата на пешачката патека до црквата „Св. Јован Канео“ се очекува да заврши во 2016 година.
Е.М