– Исправени сме пред исклучително тешка задача, затоа што трговијата со артефакти и културни добра е добро исплатлив бизнис на криминалните кругови. Свесни сме дека сами не сме во можност да и застанеме на пат на оваа појава и дека за поголем успех ни е потребна засилена соработка и координација на меѓународно и национално ниво со релевантните фактори, рече Кузман.
Тој истакна дека институцијата со која раководи презема се позасилени чекори за сузбивање на недозволената трговија, спречувајќи го одливот на непроценливо, вредното културно наследство.
Како што потенцираа од министерствиото за култура, Македонија има безброј артефакти со бесценета ведност, кои се цел на недозволено ископување, трговија и изнесување во странство. – Исклучително тешко е да се следи нивниот пат по излегувањето од нашата територија и нивното враќање назад. Затоа многу е значајна тесната соработка на надлежните институции, како полицијата, Царината, обвинителствата и сензибилизирање на јавноста за овој проблем, беше истакнато од министерството за култура.
На состанокот беше потенцирано дека нелегалната трговија со артефакти е меѓународен проблем кој не познава граници и дека двигатели на таа појава се бескрупулозни собирачи-колекционери на културни добра.
Сузбивањето на овој проблем е меѓу приоритетните задачи на УНЕСКО.