Градоначалникот на Општина Охрид Никола Бакрачески, објави Оглас за пројавување на интерес за ангажирање компетентни и високо мотивирани кандидати на повеќе раководни позиции кои се во надлежност на Општина Охрид.

-Сите заинтересирани кандидати кои се пријавуваат за одредена позиција потребно е силно да веруваат во сопствениот капацитет, да поседуваат менаџерски способности и лидерски вештини, да се подготвени за темелна посветеност и одговорност за работата за која се пријавуваат, да поседуваат способност за тимска работа и да се насочени кон спроведување на политиките на Општина Охрид.Сите пријавени кандидати имаат еднакви шанси да бидат избрани согласно со нивните способности, образование, искуство и личен капацитет, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други лични околности. Ќе бидат ангажирани само најспособните и најсоодветните кандидати за позицијата за која аплицираат, велат од локалната самоуправа.

Пријавените кандидати кои ги исполнуваат законските услови за позицијата за која аплицираат ќе бидат повикани на интервју, дел од нив ќе бидат повикани и на тестирање и нивните податоци и препораки ќе подлежат на проверки. Од кандидатите се бара да имаат соодветно работно искуство и соодветно образование и да ги поддржуваат политиките на Општина Охрид, во областа за која се пријавуваат, да ги исполнуваат законските услови за позицијата за која се пријавуваат, како и да познаваат англискиот јазик.

Можност за пријавување имаат сите кандидати кои своето образование го оформиле во Република Македонија или во странство.

Општина Охрид потенцира дека овој оглас претставува Оглас за пројавување интерес, а не Оглас за вработување и истиот не е законска обврска на Општина Охрид, но е со цел да се даде можност на што поголем број способни луѓе да ги покажат своите квалификации. Секој обид за лично лобирање и ургенција од страна на кандидатите ќе се смета како слабост и неверување во сопствените капацитети и ќе влијае негативно во формирањето на финалната оцена за кандидатот. Краен рок за пријавивање е 1-ви Октомври 2014 година.

Позициите за кои се бара пројавување на интерес: Раководител на Сектор за урбанизам и управување со градежно земјиште, Раководител на Сектор за комунални дејности, сообраќај и улици, Одделение за инспекциски надзор-инспекторат Раководител на Одделение за инспекциски надзор-инспекторат, Овластен градежен инспектор, Раководител на Одделение за јавни набавки,  Командир на територијална противпожарна единица.

Во јавните претпријатија огласот се однесува за позициите: Директор на ЈП Охридски Комуналец, Директор на ЈП Билјанини извори Охрид,  Директор на МЈП Проаква Струга, Директор на ЈП Нискоградба Охрид, Директор на ЈП Градски Гробишта Охрид, Директор на ЈП Градски Пазар.

Во основните училишта:  Директор на ОУ Григор Прличев, Директор на ОУ Христо Узунов, Директор на ОУ Братство Единство,  Директор на ОУ Кочо Рацин,  Директор на ОУ СВ.Климент Охридски, Директор на ОУ СВ.Наум Охридски Пештани, Директор на ОУ Живко Чинго Велгошти, Директор на ОУ Ванчо Николески Лескоец, Директор на ОМУ Методи Патче. Средни училишта: Директор на ОСУ СВ.Климент Охридски, Директор на СОСУ СВ.Кирил и Методиј, Директор на ОЕМУЦ СВ.Наум Охридски, Директор на ОУТУ Ванчо Питошески, како и за позицијата  Директор на детска градинка ЈОУДГ Јасна Ристеска.