Хидробиолошкиот завод го чека одобрението од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за да го почне уловот на охридска пастрмка за потребите на вештачкиот мрест, кој вообичаено секоја година започнува на 21- ви јануари.

Како што информира директорот на Хидробиолошкиот завод, Гоце Костоски, подготовките за вештачкиот мрест се извршени и тој ќе започне веднаш по добивањето на одобрението од надлежното министерство- во текот на денот или утре .

Од надлежното министерство доцнењето на доставувањето на потребното одобрение за мрестот го правдаат со службеното отсуство на министерот Љупчо Димовски.
   
Од Хидробиолошкиот институт изразуваат надеж дека вештачкиот мрест, кој е предвидено да трае до 21 март, ќе помине успешно и дека ќе се обезбедат потребните зрна икра за добивање на подмладок пастрмка неопходни за одржување на природниот минимум на овој загрозен ендемски вид риба.

– Очекувањата се дека со вештачкиот мрест ќе бидат инкубирани околу 2
милиони зрна икра од охридска пастрмка. Динамиката со која ќе се
изведува мрестот сепак ќе зависи од уловот на пастрмка за оваа цел,
нагласува Костоски.

Во струшкиот дел од езерото вештачкиот мрест го изведува „Институтот за сточарство“ – Скопје, преку Мрестилиштето во с.Шум, додека во охридскиот дел од езерото мрестот го изведува Ј.Н.У „Хидробиолошки завод“ од Охрид.

Целокупниот вештачки мрест на Охридската пастрмка финансиски  е поддржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а мрестот ќе  се одвива под надзор на Државниот инспекторат за земјоделство.

OhridNews