Пред охридските советници, утре, на дневен ред ќе се најдат предлог одлуките за започнување на постапките за избор на приватен партнер за склучување договор за јавно- приватно партнерство за изградба на катна гаража и автобуска станица.

Како што информираат од локалната самоуправа, со изградбата на катна гаража би се обезбедиле дополнителни паркинг места, поголема безбедност и сигурност на паркираните возила, би се намалило времето на чекање за слободни паркинг места во централната градска зона, а при тоа би се решил и проблемот со одвивањето на сообраќајот во околните улици. Катната гаража би го намалила сообраќајниот метеж, а со тоа би се овозможило и ослободување на тротоарите од паркирани возила и би се зголемила фреквенцијата на движење на пешаците.


Доколку советниците ја усвојата предлог- одлуката за изградба на автобуска станица по пат на јавно- приватно партнерство, од локалната наведуваат дека тоа би допринело кон подобрување на квалитетот на услугите кон патниците и превозниците, брз трансфер на патниците со јавен градски превоз , такси превоз, сите информации и услуги би се добивале на едно место, а би зголемил и редот во одвивањето на автобускиот сообраќај.

Доколку советниците позитивно се изјаснат за двете предлог- одлуки, постапката за  избор на приватен партнер за доделување на Договор  за  јавно приватно  партнерство  и во двата случаи, ќе ја спроведува Комисија  формирана  од страна на Градоначалникот  на општина Охрид, кој по предлог на комисијата ќе треба да ги  донесе конечните одлуки околу изборот на приватниот партнер.

Како што во неколку наврати беше кажано од страна на градоначалникот Александар Петрески, за реализација на овие два проекти се чекаше поради доделувањето на сопственоста на земјиштето од страна на државата на општина Охрид, кое се изврши годинава.

OhridNews