Вкупно 53 парцели земјоделско земјиште во Охридскиот регион се понудени во рамки на Јавниот оглас за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 10 хектари, кој вчера го објави Министерството за замјоделство, шумарство и водостопанство.

Според она што може да се види во табеларниот приказ на слободното државно земјиште, најголемиот дел или вкупно 49 од понудените парцели во Охридско се наоѓаат во атарот на село Турје во општина Дебрца. Најголемиот дел од овие парцели се ниви и ливади кои се лоцирани во месностите „Задел“, „Зачевица“ и „Раскрсница“.

Вкупно 4 од понудените парцели на овој оглас се лоцирани кај месноста „Чекоштина“ во атарот на селото Долно Лакочереј, во општина Охрид. Три од овие парцели се лозја, а една парцела е нива со обработливо земјиште.

Според условите на Јавниот оглас, максималната  површина  за  кој  може  да  аплицира  и  да  ја добие  еден  понудувач, во  однос  на понудените катастарски парцели е 10 хектари,  а право на учество имаат  домашни  физички  и  правни  лица, како и  странски правни лица.

Времетраењето на закупот за кој се издава земјиштето е од 15 до 50 години во зависност од видот на земјоделската култура која ќе се засади или намената за која ќе се користи земјиштето. Почетната  цена  по  хектар  во  постапка  по  овој  јавен  оглас  се  утврдува  во  зависност  од  катастарската класа и местоположбата на земјиштето и истата се движи од 5 до 25 евра во  денарска  противредност.

Отварањето на понудите по овој јавен оглас ќе биде јавно, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на 8-ми октомври 2014 година.

OhridNews