
Проблемот со пристапот на лицата со посебни потреби во јавните установи во општината, како и слободното движење во градот треба да се решат со Локалниот акционен план за унапредување на положбата на лицата со попреченост, што наскоро треба да го донесе општината Охрид. Денеска беше презентиран Предлог локалниот акционен план кој е резултат на 6-месечната активност на работната група составена од претставници на Општината, организациите на лица со попреченост и јавни институции од областа на социјалната заштита, здравството, образованието и вработувањето, која интензивно работеше во утврдувањето на приоритетите и потребите на лицата со попреченост во општина Охрид.


По јавната дебата на која покрај претставниците на организаторите, работната група и заинтересирани грагани и асоцијации, учествуваа и претседателот на Советот, координатори на советнички групи и советници, Локалниот акционен план за унапредување на положбата на лицата со попреченост ќе биде надополнет и финализиран, по што ќе следи негово усвојување во Советот на општината.











