Се е подготвено за дочекот на Новата година на градскиот плоштад во Охрид, каде вечерва организаторите очекуваат неколку илјади посетители.

-Забавата започнува во 21 часот со настап на охриѓаните „Ноу Фан“, продолжува со „Ар-Ен-Си“ бенд и Александар Белов, а некаде пред полноќ ќе настапи ѕвездата на вечерта Антониа Шола, изјави Сашо Алчев од организациониот одбор за дочек на Новата година. Испраќањето на старата и влегувањето во Новата година ќе биде означен со голем огномет, по што ќе следи обраќање на градоначалникот Александар Петрески.


Новогодишните празници во Охрид ќе ги минат неколку илјади туристи, во главно домашни и од соседните држави. Исполнетоста на хотелските капацитети е од 60 до 90 отсто и е нешто послаба во однос на изминатите години. Тоа според хотелиерите делумно се должи и на светскиот тренд повеќе да се одбележуваат традиционалните верски празници.

– Влијанието на запад дојде и кај нас и сите градови на плоштадите организираат дочек на Новата година. Народот се сврти повеќе кон верските празници, а новогодишната ноќ го губи оној сјај кој го имаше пред многу години, но исто така тука влијание има и нискиот економски стандард на граѓаните, вели Дончо Танески од ХОТАМ.


Солидно исполнети се  угостителските објекти, кои во голем дел целосно се резервирани.

OhridNews