Се прават последните подготовки за новогодишната прослава на Охридскиот плоштад. Во текот на денов во централното градско подрачје започна да се чувствува  вистинска празнична атмосфера.

Забавата на охриѓани и туристите кои Новата 2014 година ќе ја дочекаат на охридскиот плоштад ќе започне околу 20 часот со хитовите на Ламбе Алабакоски и Викторија Лоба, кои ќе бидат задолжени за забавната музичка програма. За репертоарот од народна музика за новогодишната веселба ќе се погрижат Наум Петрески, неговата ќерка Анастасија и Зуица Лазова, придружувани од оркестарот на групата ,,Синтезис”. По полноќ свој настап на  плоштадот ќе има блех оркестарот ,,Агушеви” од Струмица.

Инаку во рамки на Новогодишната програма која ја подготви Охридската локална самоуправа, секоја вечер во текот на претходните десетина дена, на градскиот плоштад беше организирана културно- забавна програма, со настапи на учениците од сите основни и средни училишта,  од детските градинки, актерите на охридскиот тетар и музички уметници.

-При подготвување на програмата беа ангажирани сите служби во локалната самоуправа, како и охридскиот Народен театар, Центарот за култура, и „Охридско лето“ се со цел да направиме програма која ќе биде одраз на потребите на граѓаните од сите возрасти. Сметаме дека на Охрид му треба еден поинаков приод во одбележувањето на празниците и затоа сакавме покрај украсувањето, да внесеме и содржини со што градот ќе го направиме поатрактивен, изјави градоначалникот Никола Бакрачески, во рамки на презентацијата на новогодишната програма.

За организирањето на новогодишната програма од општинскиот буџет се издвоени 15.000 евра.

OhridNews