Деновиве се прават последните подготовки за отварањето на долгонајавуваната Златна соба во Музејот на Робевци во Охрид. Според најавите, свеченото отварање ќе се одржи во текот на наредната седмица во присуство на висока владина делегација. Неофицијално дознаваме дека терминот за отварањето ќе биде на 8-ми или на 9-ти декември 2014 година.
Во ексклузивната поставка во Златната соба ќе биде изложена златната маска, златните предмети и парчињата златен накит кои се пронајдени во Охридскиот регион. Просторот во кој ќе биде сместена Златната соба веќе подолго време е подготвен и истиот е максимално обезбеден, со најсовремена апаратура за заштита.
-Се работи за постојана музејска поставка со над 400 златни експонати, која секојдневно ќе биде достапна за разгледување. Златните предмети ќе бидат изложени во витрина која се движи во круг. Тука ќе бидат ставени сите златни предмети кои се откриени со археолошките истражувања досега во Охрид и охридскиот крај. Покрај златната маска ќе бидат изложени сиот златен накит од некрополите, златни обетки, ѓердани со драги камења, златни прстени и целото ексклузивно богатство, информираат од Завод и Музеј од Охрид.
Инаку отварањето на Златната соба во Куќата на Робевци се најавува уште од 2006-тата година, а како причина за неотварањето на музејската поставка, се посочуваше изработката на Луксузниот каталот кој содржи детаљни описи и фотографии за сите златни предмети кои ќе бидат изложени.
Златната маска беше откриена при археолошките ископувања на Горна Порта во 2002 година, во рамките на гробницата од 6 век пред новата ера, со седумдесетина гробни прилози од разновиден материјал, меѓу кои најзначајни и најексклузивни беа златната посмртна маска и златната ракавица со златен прстен.
OhridNews