Организаторите на манифестацијата, Здружението за афирмација на МПЦ „Богојавление“ се надеваат дека и оваа година традиционалната свеченост, ќе помине во незаборавен амбиент, за кој ќе се прераскажува уште многу години. Тие се оптимисти дека оваа манифестација во најскоро време ќе прерасне во централна прослава на овој верски празник, не семо во државата туку и во овој дел од православниот свет.
Културно-уметничката манифестација која му претходи на фрлањето на крстот ќе започне во 8 часот, а посетителите ќе ги забавуваат охридски музички имиња. Гостите на неколку штандови на плоштадот, ќе имаат можност да купат мал христијански сет по примерот на Ерусалим и Израел, кој ќе содржи мал дрвен крст и четири шишенца во кои ќе има света вода, света земја од Плаошник, осветено масло и миро од моштите на Свети Јован Крстител.
– Црковните свечености за прославата, ќе започнат, со богослужби и литургии низ повеќе охридски цркви, а централното случување ќе биде на Градското пристаниште, каде што околу 10 часот, митрополитот дебарско-кичевски, г. Тимотеј, од бродот „Македонија“ ќе го фрли светиот крст во езерото. Овогодинешните кумови на прославата Тане Николоски и Цветан Панделески, ќе го даруваат фаќачот на крстот со сребрен крст тежок 1 килограм, вреден 2.000 евра.-објаснува Димитри Пендовски, потпретседател на здружението Богојавление.
Свеченостите по повод празникот Богојавление – Водици во Охрид ќе продолжат и во среда – 20 јануари, кога кај месноста Сараиште, ќе се прославува Денот на рибарите.
– Фрлањето на крстот во Охридското езеро, нема да се натпреварува за Гинисов рекорд како што беше најавено, затоа што Гинисовата книга на рекорди, не ги поддржува верските манифестации и здруженија. Но идната година за Гинисов рекорд планираме да ја пријавиме манифестацијата Денот на рибарите, како собир со најголем број на капачи во зимски услови .-вели Пендовски.
Со цел да се привлечат што повеќе туристи за овие две манифестации во Охрид, хотелиерите на ривиерата ги намалија цените, некои од нив нудат специјални аранжмани за популарни цени, а за гостите во повеќето угостителски објекти, ќе се точи бесплатна греана ракија.