Манастирот „ Свети Стефан“, лоциран во близина на Охрид во иднина ќе добие нови конаци, во кои ќе може да отседнуваат православните верници, но и сите посетители и туристи кои го посетуваат охридскиот регион.
Освен изградбата на конаците, во текот на изминатиот период интензивно се спроведуваа градежни активности за партерното уредување на околината на манастирот, а до сега се поплочени патеки, изградени се скали и потпорни ѕидови, поставени се огради и се уредува паркинг простор.
Иако на информативната табла, каде што се изведуваат градежните активности, стои дека инвеститор е Дебарско- кичевската епархија, оттаму не успеавме да добиеме детали за изградбата на новиот објект. Во телефонскиот разговор со претставници на епархијата ни беше посочено дека ќе ни дадат информација кога ќе заврши изградбата на новите конаци.
Бидејќи манастирот „Свети Стефан“ е заштитен споменик на културата, за тековните градежни зафати, повеќе информации побаравме и од Завод и Музеј- Охрид, од каде што изјавија дека за изградба на новите манастирски конаци сеуште не е побарана дозвола.
-Од Дебараско кичевска епархија немаат поднесено барање за издавање на дозвола за израдба на нови конаци во овој манастир. Обично е практика, кога се гради кај заштитени црковни објекти, МПЦ да бара дозвола од нас, како што беше на пример за градежните активности околу црквата „Света Софија“, за кои дадовме дозвола да се изведат. Исто така поднесувале барања и за градежни активности за во други цркви и манастири, а за дел од нив сме подготвувале и проекти со цел да им помогнеме. Можеби одредена изградба не е спорна, но сепак процедурата треба да се почитува, вели Тања Паскали Бунташеска, директор на Завод и Музеј- Охрид.
Во текот на денешниот ден и покрај нашите обиди од охридската локална самоуправа не успевме да добиеме информација дали за изградба на конаците е издадена соодветна градежна дозвола.
Инаку изградбата на новите конаци не е прв градежен зафат во рамки на овој манастир. Во текот на 2012 година беше изграден конак со капацитет од 5 соби и помошна просторија, а во текот на претходните неколку години беше обновена надворешната фасада на пештерната црква и беше реновирана камбанаријата.
Инаку црквата „Свети Стефан“ е единствената пештерна црква во Македонија посветена на првиот христијански маченик Архиѓаконот Стефан. Овој црковен објект е сместен во многу убав предел што овозможува прекресен поглед на Охридското Езеро и градот Охрид.
Е.М