Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков денеска во седиштето на Турската агенција за соработка и координација –ТИКА во Скопје присуствуваше на работен состанок во врска со интензивирање и динамизирање на процесот за изградба на нова училишна зграда за ООУ „Братство Единство“ во непосредна близина на „Крст Џамија“, информираат од Општина Охрид.
Градоначалникот Пецаков ја истакна заложбата и посветеноста на Општина Охрид за конечна реализација на овој проект. Воедно изрази жалење за застојот во активностите, пред се поради досегашната непосветеност на локалната самоуправа за конечна реализација на овој значаен проект, се вели во соопштението.
Претставниците на ТИКА изразиле задоволство од преземените активности на градоначалникот Кирил Пецаков, при што било договорено да се продолжи со понатамошниот тек на активностите, во насока на обезбедување на потребната документација и издавање на одобрение за градба од страна на Општина Охрид.
Во текот на наредниот период ќе се пристапи кон финализирање на проектната документација од страна на ТИКА. Потребно е да се направи нова пресметка, согласно новите цени на пазарот и да се побара финално одобрување од Република Турција за оваа важна инвестиција, се додава во соопштението.
Инаку, проектот предвидува комплетна изградба и опремување на нова училишна зграда и изградба на нова спортска сала, со цел да се обезбедат значително подобрени и посовремени услови за одвивање на наставата и поквалитетен образовен процес.
OhridNews













