Денешните мерења на Центарот за јавно здравје Охрид на мострите од изворот „Шум“ од каде се снабдува со вода Струга и околните населени места покажуваат матност од 3,62 NTU. Во градот на мерните места матноста се движи од 3,69 до 2,75 NTU, додека најниска е во селата Заграчани 1,98 и Ложани 1,93 NTU.

Сепак за водата да биде дозволена за користење според д-р Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје Охрид, максималното ниво на матност треба да биде до 1,5 NTU.

Матноста на водата од струшкиот водовод иако е значително намалена сеуште е над дозволеното. Скоро десет пати е пониска од проверката на првите мостри земени на 9 февруари. Очекувам до петок да се намали, односно да е во границите на дозволеното, изјави Симоноска.

Водата од струшкиот водовод една недела е забранета за секаква употреба поради многу висока заматеност во изворот „Шум“ и низ сите мерни места низ градот. Првите мостри земени од изворот „Шум“ на 9 февруари покажале матност од 28,56 NTU, мострите од 11 февруари 10,17 NTU, додека на 13 февруари 7,3 NTU.

Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата по енормното загадување на водата за пиење и за основни животни потреби.

Градоначалникот Менди Ќура најави дека приватна институција ќе ги утврдува причините кои довеле до високо ниво на заматување на изворите во „Шум“

OhridNews