Наместо 10-15 хектари како што е предвидено со експертската студија изработена во 2012 година, под заштита ќе бидат ставени само 4-5 хектари од Студенчишкото блато. Предлогот е усвоен од Владата која испратила инструкции до локалната самоуправа да изврши ревизија на зоната на строга заштита.
Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро вели дека под заштита ќе биде ставен преостанатиот дел од блатото кој не е деградиран и се уште може да се спаси.
– Од еколошки аспект гледано не станува збор за отстапување, но реалноста зборува дека блатото е деградирано и ние сакаме да го заштитиме остатотокот од него. Видливо на лице место е дека огромен дел од блатото е депонија со цврст и градежен отпад, а од друга страна голем дел е приватно земјиште. Наша интенција ќе биде јадрото на блатото да биде заштитено, да се поврзе со езерото и да се искористи во туристички цели, изјави Пановски.
Пановски смета дека нема потреба од изготвување нова Студија за заштита на блатото, бидејќи постојната била квалитетно изработена од домашни експерти, но според него, ќе биде потребно ревидирање на делот кој ќе биде ставен под строга заштита, околу кој ќе има тампон зона.
Од друга страна, пак, Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, во новогодишното интервју за OhridNews, отворено ја најави можноста од ревизија на Студијата за Студенчишко блато, не исклучувајќи ја можноста дел од него да се урбанизира.
– Во таа студија за жал се користени податоци, стари и неколку децении кои воопшто не кореспондираат со сегашната состојба на теренот. Подготвен сум да се направи ново целосно документирање и анализа за да дојдеме до релевантни заклучоци. Она за што првично се согласивме е дека треба одреден простор од 1-2 хектари и понатака да остане блато со одредени содржини, кои на тој простор ќе му дадат и едукативно – показен карактер, а воедно ќе претставува и своевидна туристичка атракција. За другиот дел, природно е тој да биде урбанизиран, зошто станува збор за атрактивен простор многу блиску до централното градско подрачје, кој и така во моментов е од сите страни е опкружен со урбани градби.-изјави Бакрачески во новогодишното интервју за OhridNews.
Неофицијално остатотокот од блатото би можел да биде пренаменет во туристичко-развојна зона. Екологистите сметаат дека овој простор треба да биде ставен во функција на еко-туризмот и науката, предупредувајќи на опасностите од урбанизација на блатото.
-Со сегашното темпо на урбанизација се приблжуваме до опасни бројки и на крај може да се соочиме дека 50 проценти од брегот би бил урбанизиран што секако не е добро за статусот на Охридското Езеро, вели Ѓоко Зороски, од ЕД „Грашница“.
Студенчишкото блато, кое е нераскинлив дел од еко системот на Охридското Езеро, некогаш се протегало на површина од околу 64 хектари. Денес од блатото е останат мал дел, а според најавите само околу 4-5 хектари ќе бидат ставени под строга заштита, со што значително ќе се намали просторот кој со милениуми е природно живеалиште на голем број видови растенија, риби и птици.
Г. Момироски