Со средства од Европската банка за обнова и развој, а по изработен проект од локалната самоуправа и поддршка од министерството за транспорт и врски, односно Агенцијата за државни патишта започна реконструкцијата на патот кој води до едно од најатрактивните излетнички места во охридско, селото Скребатно.

Како што објаснуваат од локалната самоуправа, за проектот изработен согласно највисоките светски стандарди, одобрени се над 20 милиони денари средства со кои ќе се проширува и обновува патот од селото Лескоец до Скребатно, во должина од 9 километри.Изведувач на градежните работи е струшката фирма „Илинден“.


–    Освен да се обнови овој патен правец, целта беше и да се прошири со оглед на големиот број гости и верници кои го посетуваат излетничкото место во Скребатно и црквата „Света Богородица“, особено во летниот период за празникот Голема Богородица, вели Емин Селман од Фондот за патишта и комунален развој.

Градежните работи на патот до Скребатно се очекува да бидат завршени до почетокот на летната сезона.

Селман потенцира дека ова е трет одобрен проект изработен од локалната самоуправа за санација и реконструкција на патишта во охридско. Претходно со срества од Светската банка веќе се обновени патиштата кои водат до Велгошти и Орман, а се очекува до крајот на годината да бидат одобрени и проектите наменети за реконструкција на патиштата до Велестово, Елшани и Завој.

Т.К.