Очекуваме во скоро време да се изготви Законот за прогласување на Белчишкото Блато за заштитено подрачје, така што Охридскиот регион да добие една дополнителна нова вредност каде освен езеро и планина, како заштитено подрачје ќе има и блатен екосистем, вели Ѓоко Зороски од Здружение за екологија и туризам „Екотуризам 2016“, координатор на проектот „Зачувување на Белчишко Блато со ангажирање на Општина Дебрца и локалните чинители“.

Целта на проектот  е прогласување на Белчишкото Блато за заштитено подрачје со категорија IV Парк на природата. Изминативе скоро две години се работи на истражување на флората и фауната, а веќе е изработената Студијата за валоризација, документ кој се предава до Министерството за животна средина и сега засега е прифатена од Националниот совет за природа. Очекувањата се за скоро време да се изготви и Законот, вели Зороски.

Паралелно со Студијата за валоризација, вели Зороски, се работеше и на поставување на туристичка инфраструктура во самото Блато, дрвена, лесна инфраструктура, каде што посетителите ќе може да го набљудуваат живиот свет, да се рекреираат, со цел Блатото да им стане малку подостапно и на месните жители и на тие кои ќе доаѓаат во иднина.

Паралелно со овие активности во соработка со Факултетот за туризам и угостителство работиме и на школа за млади волонтери „Училиште за млади волонтери за мониторинг на флората и фауната“ кои ќе го набљудуваат живиот свет. Бидејќи дел од нив ќе станат идни туристички водичи, во нивната програма освен културното наследство, сметаме дека е потребно да имаат и познавање за природното наследство на нашиот регион. И ние на терен дирекно со експерти, ги запознаваме, ги обучуваме за живиот свет кој го има во Белчишкото Блато, а кој навистина е забележителен за што говорат и бројките дека речиси 1/4 од птиците во Македонија ги има тука, или влекачите и водоземците кои се застапени со над 50% од целокупната фауна во Македонија. На толку мала територија толку голема разновидност, додава Зороски.

Вели на овој начин ќе се изврши и еден вид обука на месното население во однос на сите земјоделски практики, како да постапуваат, што ќе биде дозволено, на кој начин да се придржуваат до сите оние мерки кои ќе бидат пропишани со режимот на заштита во самото Блато.

Мора да се работи со месното население, бидејќи тие ќе имаат најголем корист од прогласување на Белчишкото Блато за заштитено подрачје, но и Општина Дебрца која е голем поддржувач и иницијатор на процесот со која имаме голема соработка, а ќе биде иден управувач на Блатото и со тоа ќе остварува приходи од екотуризмот, истражувањето на самото подрачје, ќе може да го популаризира и валоризира во туристички цели, истакнува Зороски.

Напоменува дека Белчишкото Блато е веќе означено од Министерството за животна средина како идно Натура 2000 подрачје, со што ќе биде дел од Европската мрежа на заштитени подрачја. Во оваа смисла Блатото нема да има значење само на ниво на државава, туку ќе има значење на ниво на Европа.

Инаку, проектот се имплементира од страна на Здружението „Екотуризам 2016“ со поддршка на Општина Дебрца, а финансиран од Критичниот еколошки партнерски фонд (Critical Ecosystem Partnership Fund – CEPF).

Н.С.Ј.