Во текот на попладневните и вечерните часови се очекуваат врнежи од дожд, пообилни во западните и северните делови од земјата, информира Управата за хидрометеоролошки работи – УХМР.
Според прогнозите на синоптичарите на некои места се очекуваат над 20 л/м2, додека на планинските места се очекува врнежите да бидат во вид на снег. Новите врнежи се очекува да предизвикаат зголемување на водостојот на водотеците во западниот и северниот дел од земјата, односно во сливните подрачја на р.Треска, горниот дел од сливот на р.Вардар, р.Радика, р.Сатеска, р.Црн Дрим, р.Голема (Ресенска) и во сливот на р.Пчиња и р.Кумановска.
Доколку на одредени места процесите локално бидат поинтензивни и врнежите бидат пообилни можни се локални излевања во сливот на р.Треска (во месноста Пласница), во горниот дел од сливот на р.Вардар, р.Црна, како и во сливот на р.Кумановска. Исто така поради очекуваниот зголемен дотек на вода се очекува и зголемување на нивото на природните езера во Република Македонија, каде водостојот има тренд на покачување, особено на Охридското Езеро каде денеска нивото на водата во езерото беше 5 см над дозволениот максимум. – соопшти УХМР.
OhridNews












