Со црковни активности и пригодни свечености, денеска ќе биде одбележан јубилејот 180 години од изградбата на црквата „Успение на Пресвета Богородица“- Каменско. По тој повод во храмот денеска ќе се служи празнична вечерна богослужба, со почеток во 18.00 часот.
По завршувањето на богослужбата ќе биде промовирана книгата „Галерија на икони при црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ од д-р Сашо Цветковски, а промотор ќе биде академик Цветан Грозданов.
По повод јубилејот, утре, недела,  во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, Каменско ќе се служи света архиерејска литургија со која ќе чиноначалствува Неговото Блеженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан во сослужение со Митрополитите Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Повардарски г. Агатангел.
Се смета дека црквата  „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско, е изградена и живописана во XVII век, а била проширена во 1832 година, што како година стои врежано над влезната порта во дворот на црквата. Црквата била живописана уште два пати, првиот пат од познатиот зограф Дичо Зограф во 1863 година и втор пат во 1924 година.
OhridNews