Денеска се одбележува Светскиот ден на Белиот стап – 15 Октомври. Главната манифестација се одржува во Скопје во организација на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија.
На одбележувањето е предвидено обраќање на министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, како и промоција на книгата „Мојот живот без вид“ од Димитар Дерменџиевски, која е уредена од Михаил Белдедовски. Авторот е основач и прв претседател на Сојузот на слепите на Република Македонија, борец за достоинството и за правата на слепите лица, за националните права на македонскиот народ меѓу двете Светски војни, учесник во НОБ и доследен борец за слободна, независна и самостојна држава Македонија.
Националниот сојуз на слепите во Македонија делува од 1946 година, со цел да ги подобри условите за живот и работа на слепите лица, како и нивна социјализација и интеграција во општествената заедница. Во него членуваат повеќе од 2.500 слепи лица.