150 социјално загрозени граѓани од Охрид и Дебрца присуствуваа на традиционалниот предновогодишен ручек кој во организација на општинскиот Црвен крст и локалната самоуправа годинава се одржа по шести пат. Од Црвен крст потенцираат дека целта е и овие граѓани да го почуствуваат предновогодишниот амбиент.

Интересот за предновогодишниот ручек е голем затоа што и потребите се големи, има голем број граѓани кои се соочуваат со елементарни потешкотии за преживување, за снабдување со храна и огрев. Сите наши напори преку годината се во насока да направиме некоја побезбедна атмосфера и достоинствен живот за нив, но ние сме само хуманитарна организација која во одредени сегменти и периоди го подобрува нивниот живот, но не сме институција која може да го реши проблемот, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

И оваа година за подготовката на оброците беа задолжени учениците и наставниците при ОУТУ „Ванчо Питошески“.

Секогаш ни е задоволство да помогнеме колку што можеме од наша страна преку подготовката на оброците, вели Блаже Јорданоски, наставник по стручни предмети во ОУТУ „Ванчо Питошески“.

Присутните беа поздравени од страна на градоначалникот Никола Бакрачески и претседателката на советот, Гордана Коњановска.

Ви спосакувам среќна и бериќетна нова година, да ве служи здравјето, што повеќе да сте опкружени со вашите најблиски роднини, пријатели, сите кои ви значат, да продолжиме да споделуваме традиционани, хумани и етички вредности, рече Бакрачески.

Градоначалникот потенцира дека заложбите на локалната самоуправа за помош на ранливите категории граѓани продолжуваат и во наредната година.

OhridNews