Опасна дупка се отвори на коловозот на пресекот од булеварот „Туристичка“ со улицата „Јане Сандански“ пред маркетот „Макси Д“. Очевидци ни изјавија дека дупката која е голема околу еден метар во дијаметар се појавила на коловозот попладнево.

Местото е обезбедено од надлежните служби. Како што информираат од СВР Охрид, од страна на сообраќајната полиција за проблемот бил известен Фондот за патишта при Локалната самоуправа, по што бил поставен предупредувачки знак, а најавено е дека во текот на утрешниот ден ќе биде пристапено кон санирање на оштетувањето на коловозот.

Се претпоставува дека оштетувањата на коловозот се последица на инфраструктурни зафати кои тука биле изведувани порано или дефект на подземна инсталација.

OhridNews