Со цел да го зголеми бројот на туристи, општина Охрид во иднина ќе организира туристички промоции во неколку европски земји. Надлежните во општината велат дека овие промоции ќе бидат организирани на сличен начин како што беше организирана промоцијата на Охрид во Прага, која се одржа пред неколку дена.
-Сеуште го изработуваме планот за промоција и тој ќе зависи од договорите со амбасадите во таа држава каде што ќе планираме да одиме. Најверојтно ќе се оди по моделот на промоцијата во Прага која беше направена во тесна соработка со македонската амбасада во Чешка. Планираме да се насочиме кон неколку таргет пазари за Охрид од каде и во минатото доаѓале традиционални гости. Фокусот ќе биде на соседните држави, вкучувајќи ја и Турција. Нема да одиме на некоја масовна промоција туку ќе одиме во неколку и точно утврдени центри, се со цел да привлечеме гости од оние места кои за нас претставуваат сигурни туристичи пазари, изјави Димитар Спасески, секретар на општина Охрид.
Тој потенцираше дека општината во континуитет презема низа мерки и одлуки за подобрување на туристичката понуда во Охрид.
-Уште од минатата година имаме воспоставено веќе значителна соработка со сите туристички чинители во градот и во програмата за развој на туризмот прилично се трудиме да ги испочитуваме нивните барања, бидејќи тие се луѓе од фелата и долги години знаат што му недостасува на Охрид, појаснува Спасески.
Тој нагласува дека со подобрување на условите, со коректни цени и со подобра услуга ќе се постигнат подобри резултати во туризмот и ќе има зголемување на бројот на туристи.
OhridNews