Социо-економски и инфраструктурен развој, одржливо управување со природните ресурси, зачувување на животната средина и културното наследство, ќе бидат главните цели на Програмата за развој на Југозападниот плански регион од 2015 до 2019 година, која веќе се подготвува.
Од Центарот за развој на Југозападниот плански регион информираат дека подготовката на програмата ја започнеле во август и истата се очекува да биде завршена до крајот на годинава.
-Програмата за развој се подготвува согласно Правилник за Методологијата за изработка на плански документи за регионален развој, донесен од страна на ресорното министерство за локална самоуправа. Притоа треба да се спомене дека во активности за подготовка се вклучени голем број на експерти кои прават анализи на постојните документи на национално, регионално и локално ниво, а покрај тоа се организираат и работилници со учество на релевантни субјекти од деветте општини што му припаѓаат на Регионот, со цел да се утврдат смерниците на неговиот иден развој, вели м-р Мирјана Лозаноска, раководител на Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
Таа нагласува дека резултатите од активностите кои ќе бидат спроведени во согласност со новата програма, ќе треба да го подобрат квалитетот на живеење на граѓаните во регионот.
-Од 11 септември до 9 октомври беа одржани четири тематски работилници со учество на соодветни засегнати страни од регионот. Имено, на две работилници се работеше детално во три сектори: Транспорт и инфраструктура, Земјоделство и рурален развој и Економски развој. Останатите две работилници беа посветени на останатите три сектори: Образование и социјален развој, Животна средина и Туризам и култура. За сите споменати сектори направени се детални анализи, дефинирана е визија на регионот за наредниот период, а утврдени се стратешки цели и приоритети, објаснува Лозаноска.
На следните две работилници кои ќе се одржат до крајот на октомври ќе се дефинираат мерките за сите приоритети и ќе се изготви работната верзија на Програмата за развој. Потоа ќе следува и седмата работилница на која ќе се презентира финалната верзија од Програмата која претходно треба да биде усвоена од Регионалниот совет, составен од градоначалници на општините што влегуваат во состав на Регионот, како и од Националниот совет за рамномерен регионален развој на Република Македонија.
Југозападниот плански регион е еден од осумте во рамките на Република Македонија и во него влегуваат 9 општини: Вевчани, Дебар, Дебрца, Охрид, Кичево, Македонски Брод, Пласница, Струга и Центар Жупа.
Е.М