Михаел Шумахер накратко ги отворил очите, пишува L’Equipe, повикувајќи се на свои извори во Универзитетската болница во Гренобл. Шумахер ги отворил очите откако лекарите започнале полека да го будат од кома.

L’ Equipe, во средата објави дека лекарите решиле постепено да го будат Шумахер, од вештачки предизвиканата кома. Тие наводи на францускиот весник беа демантирани од портпаролката на Шумахер, Забине Кем. Сепак весникот оваа изјава ја протолкува како обид да се спречи евентуален метеж пред болницата, во која веќе еден месец е хоспитализиран Шумахер.
„Имаме сигурни извори во болницата. Сто проценти сме сигурни во она што го имаме објавено“, рекол главниот уредник на L’ Equip, Жереми Арбон.
Според изворот на весникот, Шумахер полека го воведувале во ткн. „летаргична состојба“, во која тој би требало да започне да комуницира со околината и напоменува дека отворањето на очите е одличен знак, но дека рехабилитацијата би можела да трае со месеци.
Михаел Шумахер беше хоспитализиран на 29-ти декември минатата година со тешки повреди на главата, со кои се здоби на скијање во француските Алпи.
„Макфакс“










