Се подобрува здравствената состојба на 14-годишно девојче од Охрид со дијабетес, кое во тешка состојба беше примено на Клиниката за интензивна нега во Скопје. Надлежните институции на прес-конференција информираа дека неговата здравствена состојба е стабилна. По влошувањето на состојбата на трите деца што боледуваат од дијабетес, кај матичните лекари во Охрид, Гевгелија и во Свети Николе се врши вонреден инспекциски надзор.
Заменик-министерот за здравство, Асим Муса, смета дека вината е кај родителите кои го однеле девојчето на лекар дури неколку дена откако му се влошила здравствената состојба.
Според првичните сознанија, детето неколку дена се чувствувало лошо, но не било однесено на лекар. Дури кога му се влошила здравствената состојба, родителите реагирале и побарале помош во Општата болница во Охрид, од каде што било препратено на лекување во Скопје.
„Детето спонтано дише, во текот на денот ќе биде интубирано и јас мислам дека ќе биде добро“, велат лекарите што се грижат з0 здравствената состојба на децата.
Според Муса, во болницата во Охрид детето го донеле родителите. Тоа било првпат да побараат помош за детето што имало тегоби поради дијабетесот. Тогаш било откриено од што боледува и почнало медицински да се третира. Пропустот тој го лоцира кај родителите, кои го однеле детето на лекар кога состојбата веќе се влошила.
„Родителите неколку дена не го однеле детето на лекар, сакале, но тоа одбило и дури кога му се влошила состојбата, го однеле“, додаде заменик-министерот за здравство.












