Промовирањето на македонскиот туризам во различни земји, привлекувањето на нискобуџетни познати имиња од хотелиерството во рамки на коридорите 8 и 10, како и подобрување на условите за туристичко сместување во детските и работничките одморалишта и авто камповите, беа дел од темите на кои се расправаше на последно одржаната седница на Комитетот за туризам со која претседаваше претседателот на Владата, Никола Груевски.

На седницата се разговараше и за предлог Стратегијата за рурален туризам во која е направена анализа на трендовите во руралниот туризам, како и анализа на состојбите во Република Македонија во оваа област, при што врз основа на податоците добиени од истражувањата се дадени препораки за усвојување на моделот на стандардизација и усогласување на Еурогитес на руралниот туризам во Република Македонија.

На седницата станало збор и за активностите кои се преземаат за ширење на мрежата на туристички информативни центри низ државата, отворањето на мали пристаништа за забава и риболов, како и за интересот кој го пројавуваат инвеститорите за отворање на традиционални македонски ресторани, продавници за сувенири и облека.

Комитетот за туризам во следниот период ќе ја разгледа можноста за ангажирање на консултантски куќи кои би им дале поддршка на граѓаните и компаниите во Република Македонија за користење на ИПА и ИПАРД фондовите кои се однесуваат на проекти за промоција и поддршка на туризмот.

OhridNews