Се поместува возрасната граница на пациентите со коронарна артериска болест и се почесто има млади пациенти со миокарден инфаркт. Коронарната артериска болест е прва во списокот на оние болести коишто предизвикуваат висока смртност. И покрај иновативни процедурите коишто се употребуваат и третманот, сепак, се уште го држи првото место во општата смртност кај популацијата вели доктор Наташа Скрческа, специјалист кардиолог од Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св.Стефан“ во Охрид.

Во нашиот регион ја имаме нашата болница којашто ги згрижува пациентите од југозападниот регион и претставува еден кардиоваскуларен центар. Имаме доста пациенти со коронарна артериска болест. Можам да кажам дека во годиниве се поместува надолу границата за појава на ова кардиоваскуларно заболување. Помлади пациенти имаат почесто коронарна болест и симптомите и болестите коишто настануваат од неа. Почесто имаме млади пациенти со миокарден инфаркт. Од друга страна поради третманот на оваа болест, се зголемува онаа старосна граница кај населението, односно, луѓето живеат подолго како резултат на новите лекови, новите техники за лекување, така да нешто значајно немаме приметено да се намалува или зголемува бројот на пациенти со коронарната болест, потенцира.
Како ризик фактори д-р Скрческа ги наведува возраста кај пациентите, полот, генетските фактори коишто не може да се променат, високиот крвен притисок, нивото на мастите во крвта, шеќерната болест, пушењето, обезноста којашто во последниве години оди во нагорно ниво…
Советува пациентите да го намалат пушењето, да водат грижа за своето здравје, да бидат физички активни, да се хранат здраво и да ги почитуваат советите од лекарите за лекување доколку веќе имаат некоја постоечка болест. Воедно посочува и на важноста за превенција.
Пациентите да се советуваат со матичните лекари да направат кардиоваскуларни прегледи. Ние ги советуваме потоа кога би се правеле контролни прегледи. Пациентите што имаат ризик, што имаат високо ниво на масти, имаат покачен крвен притисок, имаат фамилијарна предиспозиција, се пушачи, сигурно дека треба и порано и почесто да ги прават тие прегледи, но тоа е индивидуално. Прво пациентите да се консултираат со матичните лекари кои го стават акцентот за нивните понатамошните прегледи, додава д-р Скрческа.
Срцево-садовите заболувања се водечка причина за смртност во светот. Според податоците на Светската здравствена организација, секоја година од срцево-садовите заболувања во светот умираат 17,5 милиони луѓе, од кои 7,3 милиони од коронарна срцева болест, а 6,2 милиони од инфаркт. Во Европа околу 50% од сите смртни случаи, се предизвикани од овие заболувања. Се повеќе заболуваат лица помлади од 60 години возраст, односно лица во најпродуктивниот период од животот. Доколку не се преземат соодветни мерки, до 2030 г., 23 милиони луѓе, секоја година ќе умираат од срцево-садови заболувања (главно од срцеви и мозочни удари). Проценките покажуваат дека најмалку 80% од сите срцеви болести, срцев удар и дијабетес тип 2, може да се превенираат.

Н.С.Ј.













