Со поставување на ограда од ковано железо, врз камените ѕидини кои беа подигнати во месец јуни, деновиве финишираат активностите за возобнување на оградата на катедралната црква „Света Софија“ во Охрид.

Обновувањето на оградниот ѕид се врши врз основа на проект кој го подготви охридскиот Завод и музеј, врз основа на фото-архивата на Историскиот архив од Охрид, каде што постојат документи за изгледот на старата ограда на „Света Софија“, која била урната во првата половина од дваесеттиот век.

Покрај враќањето на стариот лик со обновување на камената оградата, се планира да се изврши и илуминација на црквата и на просторот околу неа, за што се преговара со Дебрско-кичевската епархија.

Со возобнувањето на оградата ќе се реши проблемот кој настана со поставување на бетонските столпчиња околу црквата што наиде на отпор кај локалното население.

OhridNews