Ј.П.”Охридски Комуналец” започна со поставување на нови контејнери за депонирање на ПЕТ-амбалажа и друг отпад од пластика. За почеток се поставени 14 контејнери по “Булевар Туристичка”, а два во близина на прес-контејнерите во населба “Христо Узунов”. Садовите се со жолта боја, со заштитен капак на кој се наоѓа отвор за депонирање на пластичната амбалажа.
– Се надеваме дека на овој начин ќе се надминат досегашните проблеми на обивање на ваквиот вид контејнери и крадење на пластичниот отпад, велат од јавното претпријатие.
Оттаму најавуваат дека во наредниот период вакви контејнери ќе бидат поставени и на поширокото подрачје на Општина Охрид.
– Со тоа на граѓаните им нудиме можност за примарна селекција на отпад и депонирање на отпад од пластика, хартија и друг комунален отпад. Селектирањето на употребливите состојки на комуналниот отпад на местото на неговото создавање, придонесува во квалитетот на урбаното живеење, намалување на количеството на отпад, а од друга страна носи економско-финансиски бенефити и ја зголемува свеста кај населението, потенцираат од ЈП Комуналец.