Охридската ривиера во последните неколку години стана привлечно место за странските државјани, кои сакаат да купат имот за викенд потреби или за одмор. Според упатените во пазарот со недвижности, најголемиот дел од странците кои имаат имоти во Охрид, потекнуваат од Германија, Холандија и Австралија. Освен што купуваат станови и куќи странците се заинтересирани и за инвестиции и изградба на станбени објекти.

Таков е примерот со Холандската градежна компанија „BNC“ (Building New Concepts) од Амстердам која веќе има изградено станбен комплекс на крајбрежјето во село Пештани и становите ги нуди на странскиот пазар.

-Се работи за чисто холандска градежна оператива со регистрирана фирма за градба во Македонија, која градежната парцела ја купи пред околу 3 години. Ние како агенција имавме долги и повеќекратни преговори со инвеститорот, кој бараше исклучително сериозен пристап и сигурност во правната регулатива. Дојдовме до договор за деловно-техничка соработка, така што нашата агенција е единствена агенција на овие простори, која што има овластување за ексклузивна продажба на становите од комплексот во Пештани, вели Никола Иванчиќ, од Агенцијата за недвижности „Наш Ваш Дом“ од Охрид.

Холаѓани купиле 22 стана

Тој информираше дека до сега во овој станбен комплекс, биле продадени вкупно 22 стана на холандски државјани.

-Сопствениците на становите се претежно пензионери, кои имаат намера становите да ги користат за свои потреби во поголемиот дел од годината. Становите се со површина од 67 до 140 метри квадратни, а се продаваат по цена од  1.450 евра матар квадратен. Ова е апсолутно прифатлива цена, со оглед на тоа дека зградата е изградена по најсовремени европски стандарди и се наоѓаат на многу атрактивна локација на крајбрежјето, со отворен поглед кон Охридското Езеро, појаснува Иванчиќ.

На Охрид му треба нова планска регулатива на земјиштето

Освен оваа зграда, холандскиот инвеститор „BNC“ гради уште еден стамбен објект, во близина на истата локација.

-Истата компанија е заинтересирана и за други локации за градба во Охрид, но потребно е да се задоволат некои услови во делот на планската регулатива на земјиштето. Потребно е да се донесе Детален Урбанистички План, особено за делот на крајбрежјето со комплетна  инфраструктура, но и насоки за тоа во кои делови е лоцирано државното или општинското земјиште. Само на овој начин ние ќе имаме сознанија што точно може да понудиме, потенцираше Иванчиќ.

Тој апелираше до надлежните во Локалната самоуправа во Охрид, во најскоро време да воспостават соработка со агенциите за продажба на недвижности, бидејќи тоа е клучен чекор за поголем број странски инвестиции во Охрид.

Е.М