Последните неколку години значително е зголемен бројот на жени кои седат во директорските фотељи во Охрид. За сметка на припадниците на посилниот пол, кои во минатото беа доминантни во менаџерските и раководните структури, охридските жени полека но сигурно докажуваат дека се спремни да управуваат, да раководат и да бидат лидери. Со својата успешност тие ја носат пораката за рамноправност на жената во општеството, која е и суштината на утрешниот празник 8-ми Март.

Иако во минатото тоа не било случај, денес припадничките на понежниот пол управуваат со низа важни институции и установи како што се Општинското јавно претпријатие ,,Охридски Комуналец”, Охридскиот Завод и музеј, НУ Охридско лето и Заводот за кардиоваскуларни заболувања ,,Свети Стефан”.

Охридските директорки со кои поразговаравме на оваа тема велат дека за да се биде успешен менаџер не е важно дали си маж или жена, туку потребна е голема посветеност и упорност.

– Мислaм дека денес повеќе нема поделба на професиите на машки и женски и дека во работата пред се е важен квалитетот кој еден поединец го поседува, како и  самата ангажираност и одговорност спрема  задачите. И за мажите и за жените во денешно време е тешко да се извршува една раководна функција затоа што со самата таа функција треба да се поднесат доста жртви и откажувања, вели Тања Паскали Бунташеска, директор на Завод и музеј.

Освен во гореспоменатите институции, жени на директорска позиција во Охрид имаме и во охридското музичко училиште ,,Методи Патче’’, во Работничкиот универзитет ,,Кузман Шапкарев’’, во Центарот за култура ,,Григор Прличев’’ и во Охридската Библиотека. Исто така жени раководители има и во Подрачното одделение на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделието, Подрачното одделение на Државниот архив како и во Подрачното одделение на Катастарот.

Драгана Боцевска која е директор на Центарот за култура смета дека поголемиот број на жени директори се должи на фактот што жените стануваат посвесни и многу повеќе се борат за да бидат успешни.

– Успехот зависи од афинитетите, способностите и желбите. Јас лично сметам дека жените до некаде се и поснаодливи и  потрпеливи во исполнувањето на менаџерските задачи, па затоа и често се декларирани и како успешни директори. Апелирам до жените да веруваат повеќе во себе, да прифатат предизвик и да ги докажат своите квалитети, вели Боцевска.

Жените директори се побројни и во рамки на охридскиот образовен сектор, односно управуваат со Детската градинка ,,Јасна Ристеска” и со вкупно пет училишта.

Роза Костоска која раководи со Детската градинка вели дека жените се успешни како раководители бидејќи за разлика од мажите можат многу подобро да менаџираат со персоналот.

-За да биде успешен и ценет од колективот, директорот треба да ги препознае потребите и проблемите кои ги мачат вработените и да помогне во нивното решавање. За ова е потребно голема вештина за анализирање која жените ја имаат повеќе од мажите. Исто така жените поседуваат и поголемa креативност, а од креативното вложување многу зависи  колку ќе напредува самата институција, па затоа жените раководители често остваруваат подобри резултати од мажите, вели Костоска.

Во рамки на охридската локална самоуправа жени раководители има во Одделението за даноци, Одделението за меѓународна соработка и соработка со збратимени градови и Одделението за управување со отпад и регионални депонии.

Според познавачите на родовата рамноправност, освен во бројноста на раководни позиции, големо придвижување на охридското женско лоби има и во политичките води, така што за прв пат имаме и жена претседател на Советот на Општина Охрид. Но сепак мажите остануваат позастапени во советничката структура, па од  вкупно 23  советнички места, на жените им припаѓаат само седум.

Е.М