Насилниот екстремизам и тероризам претставуваат сериозна закана за државите од Западен Балкан кои се наоѓаат на мигрантската рута која им го отвори патот и на борците од Исламска држава, предупредуваат експертите.

-Лица коишто учествувале во војни, борци на ИСИС, поминуваат оттука и не е исклучена можноста евентуално и балканските земји да станат мета на терористички напади. Засега тоа не е случај, но во иднина треба да очекуваме и да бидеме подготвени адекватно да реагираме. – вели д-р Звонимир Ѓорѓеѓевиќ – универзитетски професор од Србија.

Експертите укажуваат и на загрижувачкиот тренд на индоктринација и регрурирање на се поголем број на жени и деца од овие простори кои заминуваат на активните боишта на блискиот исток.

-Се работи за помали и постари малолетници коишто заминуваат таму водени од некои мотиви, претпоставувам дека се финансиски, барем засега немаме релевантни и потврдени податоци. – истакна д-р Злате Димовски. – универзитетски професор.

Експертите не ја исклучуваат ниту верата како причина за екстремно делување на поединци од овие простори за што, според нив, во голема мера придонесува политиката.

-Земјите од западен Балкан се теократски држави каде се поврзани религиската и политичката елита, што исто така генерира сериозен проблем, затоа што кога ќе се поврзете така можете да ги делите луѓето на тие и вие, наши и туѓи на Македонци и други, на Срби и други, на Хрвати и други. – посочува универзитетскиот професор д-р Зоран Матевски.

Според податоците на МВР, околку 150 лица од Македонија учествувале во војните низ светот, од кои 60-на се вратиле во земјата. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека во мометов се работи на изготвување на нова стратегија за борба против насилниот екстремизам и тероризмот со акциски план кој предвидува мерки за ресоцијализација и превенција од тероризам.

-Од исклучително значење за Република Макдонија и за успешна борба против насилниот екстремизам и тероризам е да имаме превенција пред се и ресоцијализација. Ние знаеме дека имавме наши граѓани кои се бореа на боиштата во Авганистан, Сирија и Ирак. – рече министерот Спасовски.

Секоја држава поединечно презема мерки, но од голема важност е соработката со другите земји, вели Нина Соумалаинен, шеф на мисијата на ОБСЕ во Македонија.

-Државите треба да разменуваат и оперативни сознанија, да водат регистри на лица, редовно да ги ажурираат податоците и да воспостават добра меѓусебна комуникација. – укажува Соумалаинен.

Во организација на МВР и ОБСЕ во Охрид се одржува меѓународна конференција за борба против насилниот екстремизам којшто може да прерасне во тероризам која има за цел зајакнување на безбедносната соработка и одбрамбените капацитети на државите од регионот.

Г. Момироски