Планинарски куќи, жичара, нови патеки…што се ќе биде дел од туристичката понуда во иднина на планината Галичица ќе се знае откако ќе се изготви планот за управување, чија изработка  е во тек.

Како што велат од установата, планот ќе даде насока за дефинирање на сите активности поврзани со развојот на туризмот.

  • Дејност која не е интересна само за националниот парк, туку и пошироко за сите љубители на природата во регионот. Планирано е процесот на планирање на целите и активностите да се врши со вклучување на стручната и општата јавност. Работните групи кои ќе работаат на тоа, ќе помогнат во определување на тоа што точно треба да се направи во паркот за да се помогне за одржливиот развој на туризмот. Планинарски куќи кои и во зима ќе примаат посетители е посакувано, но процесот на планирање треба да помине, за точно да се определи што се е потребно и за поголема промоција на паркот, за подобра заштита на природните вредности и подигнување на јавната свест за заштитата на природните вредности, вели Андон Бојаџи од ЈУ Национален парк Галичица.

Прашањето во однос на одржувањето на патот преку Галичица кој последните години е затворен во зимскиот период, со што се оневозможува непречена посета на националниот парк во периодот од 15 ноември до 15 април, останува отворено.

  • Имав состанок со директорот на јавното претпријатие Државни патишта и го замолив да помогне во одржувањето на патот преку Галичица, бидејќи тој патен правец е во надлежност на тоа претпријатие кое изготвува секоја година програма за одржување на јавните патишта. Според досегашните програми овој пат е предвиден само за летно одржување од 15 април до 15 ноември. Замолив барем за летното одржување да се пополнат дупките на патот, а ние да го исчистиме патот од гранки. Прашањето останува отворено, но ние немаме капацитет за да го преземеме одржувањето, потенцира Бојаџи.

Неодамна ЈУНП Галичица, доби финансиска поддршка од Фондот за природа Преспа-Охрид(ПОНТ), за финансирање на тековното работење на установата за 2019 година, при што ќе се помогне и во изработката на новиот план за управување.

OhridNews