СДСМ најави бојкот на Парламентот поради недемократското владеење на ВМРО ДПМНЕ и обидите да се замолчат независните медиуми. Кон бојкотот се придружија и НСДП, ЛП  и Нова Алтернатива.

– Македонија под власта на Груевски дефинитивно не е ниту слободна ниту демократска држава. Овој режим има опасни намери во однос на нашата земја. Или ќе го запреме или ќе станеме негови соучесници. Ние од СДСМ немаме повеќе намера да даваме легитимитет на оваа недемократска и ненародна власт.Од денес СДСМ нема да учествува во работата на Собранието на Република Македонија, истакна лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, на прес конференцијката што вчера се одржа во Скопје.

Реагираше ВМРО ДПМНЕ, од каде го обвинија Црвенковски дека се става на страната на криминалот со што ја загрозува европската иднина на земјата.

– Ако Црвенковски реши да го напушти Собранието за да го заштити криминалот, нека го направи тоа. Со среќа нека му е. Знае дека со тоа напуштање ќе и наштети на европската иднина на  Македонија, ама тој се реши да го стори тоа, затоа што мисли само на себе и нема што да изгуби, ја стави иднината на Македонија како монета за поткусурување за заштита на криминалот. За твојата одлука Бранко ќе сносиш последици. На изборите заедно со народот повторно ќе те поразиме ќе се увериш колку си грешел, изјави Гордана Јанкулоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, одлуката на СДСМ да го напушти Собранието.

OhridNews