Наместо до јуни оваа година, рокот за доставување на елаборати за дивоградбите ќе се пролонгира до 31.12.2015. Исто така, до 30-ти јуни идната година е продолжен рокот за легализација на тераси пренаменети во станбен простор, а со законските измени ќе се врши и допрецизирање на постапката за утврдување на правен статус на линиски инфраструктурни подземни објекти.
Како што потенцира портпаролот на Владата, целта на овие законски измени е да им се излезе во пресрет не само на граѓаните, туки и на геодетските компании.
„Владата на Република Македонија усвои и до Собранието предложи измени и дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградени објекти со кои се продолжува рокот за доставување на геодетски елаборати за утврдување на фактичка состојба на бесправен објект до 31 декември 2015 година. Значи претходниот рок за доставување на елаборатите кој беше предвиден до јуни 2014 година, сега се продолжува до 31.12.2015 година.“ – изјави Александар Георгиев, портпарол на Владата на Р.М.
Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, потенцира дека овие законски решенија овозможуваат решавање на едно горчлиов прашање кое со децении се провлекувало во општеството.
„Со овие законски решенија овозможуваме решавање на едно горливо прашање за многу наши сограѓани, прашање кое долги децении се провлекуваше во нашето општество и не им овозможуваше на граѓаните да стекнат сопственост врз сопствените домови во кои најчесто живеат од раѓање. Уверен сум дека со добрата работа која ја практикуваме не е далеку денот кога ќе можеме да кажеме дека ова прашање е целосно решено и е дел од минатото.“ – истакна ресорниот министер.
Инаку, рокот за легализација на тераси пренаменети во станбен простор до 30-ти јуни идната година, важи за објектите кои се изградени до денот на влегување во сила на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, односно пред 3 март 2011 година.
OhridNews