Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески очекува интензивирање на активностите за изградба на автопатот Кичево-Охрид со цел да биде готов во предвидениот рок до јуни 2021 година.

При неговата денешна посета на Кичево, Сугарески изјави дека на терен веќе се одвиваат засилени активности, при што потсети дека се надминати сите наследени проблеми на овој автопат.

-Она што е важно е дека се надминати сите наследени проблеми со тунелот, свлечиштата, клучките и алтернативните патишта. Тоа го надминавме во изминатиот период, нагласи Сугарески.

Во тек е и проектирањето на првата делница од новиот автопат од Кичево до Гостивар. За втората делница од Букојчани до Горна Ѓоновица и за третата делница Горна Ѓоновица – Гостивар ќе се обезбедат средства од ЕУ за проектирање.