Започна реконструкцијата на дел од регионалниот патен правец Охрид- Свети Наум, во должина од 2, 5 километри, на потегот од Лагадин до Пештани.

Како што информира раководителот на охридската секција на ЈП Македонија пат, Лазо Ставрески, станува збор за проект кој се реализира во две фази.  Во тек е пополнувањето на дупките, по што ќе следи и ставање на нов слој асфалт на овој дел од патниот правец.



Истовремено, на потегот од Билјанини извори до Лагадин, се врши санација на ударните дупки од патот. Се очекува градежните зафати да завршат пред официјалниот почеток на туристичката сезона, односно до 20 јуни.

Вредноста на проектот е 8, 5 милиони денари, а како инвеститор се јавува Владата на РМ. Изведувач е охридската секција на ЈП Македонија пат.



Од страна на граѓаните и бројните гости постојано се укажуваше на лошата состојба во која се наоѓа овој патен правец, низ кој во летниот период минуваат неколку илјади возила.

Неодамна,  жителите на Пештани и околните населени места, со мини блокада го изразија своето  незадоволство поради лошата состојба во која се наоѓа патот на кој, како што потенцираа, повеќе од 40 години не се извршени никакви зафати за реконструкција. 

OhridNews