Дел од  107- т е времени објекти во Охрид ќе се отстрануваат, а за останатите ќе треба да се изврши откуп на земјиштето и тие да се уредат во согласност со амбиентот на локацијата каде се поставени.

Како што информира градоначалникот Никола Бакрачески  по денешната средба со сопствениците на времените објекти, согласно законот за градење локалната самоуправа е обврзана да изработи програма за нивно поставување, која потоа треба да биде одобрена од страна на министерството за транспорт и врски , по што ќе биде донесена уредба врз основ на која ќе се одреди почетната цена за јавна лицитација за стекнување право за нивно користење.

Сопствениците на овие објекти од 2006 година не подмирувале обврски кон државата која беше сопственик на земјиштето каде тие се поставени. Од август 2012 ингеренциите ги презеде локалната самоуправа. Нашите служби извршија скенирање на состојбите на терен  и утврдија кои од нив треба да се отстранат, бидејќи не се во согласност со  урбанистичките решенија и планови кои треба да се донесат, а при тоа го нарушуваат и амбиентот и функционалноста на просторот. Оние кои ќе може да останат, во договор со идните корисници ќе треба да бидат изградени и уредени како што му доликува  на просторот, изјави по средбата градоначалникот Бакрачески.

Сопствениците на времените објекти задоволни што преку средби со надлежните,  заеднички ќе се решава судбината на времените објекти од кои егзистираат околу 300 охриѓани.

Ни беше кажано дека ќе има уште состаноци за објаснување на нејаснотиите околу закупот на земјиштето  на кои се поставени објектите, бидејќи  луѓето не беа претходно запознаени со измените на законот за градење, затоа што немавме комуникација со службите. Свесни сме дека станува збор за времени објекти и дека при реализација на урбанистичките планови дел од нив ќе треба да се отстранат, изјави Огнен Достиноски, сопственик на времен објект.

И двете страни изразија надеж дека за скоро време ќе се дојде до заедничко прифатливо решение кое ќе биде во интерес на локалната самоуправа и сопствениците, а согласно законските прописи.

Т. Кувенџиска