Околу 10 градски куќи во Струга кои се изградени во традиционална старогрaдска архитектура ќе добијат нови решенија за ревалоризација.

Овие активности се спроведуваат во рамки на годишната програма на Министерството за култура за 2014 година.

-На територијата на општина Струга постојат повеќе објекти кои уште од шеесеттите години од минатиот век се прогласени за поединечно заштитени споменички добра. Тоа значи дека тие објекти поседувале карактеристични елементи во своите фасади заради кои уште тогаш се валоризирани и имаат добиено поединечни решенија за заштита. Тој процес во моментов е обновен, поточно објектите ќе бидат ревитализирани за што се изработени специјални елаборати за ревалоризација, информираат надлежните од министерството.

Тие објаснуваат дека во изработените елаборати се опишани објектите, нивните оштетувања, а пропишан е и соодветен режим за заштита со сите дозволени интервенции.

-Некои од објектите поседуваат елементи според кои треба да бидат поединечно заштитени, но во минатото не добиле поединечни решенија. Од тие причини се изработуваат елаборатите за валоризација во кои исто така се опишува доброто со сите негови оштетувања и се пропишува соодветен режим за заштита со сите дозволени интервенции, појаснуваат од Министерството за култура.

Оттаму нагласуваат дека овие активности имаат за цел да ги зачуваат објектите во оригинална состојба и да се задржат амбиенталните целини кои ги оформуваат овие објекти.

OhridNews