Фидел Кастро Дијаз-Баларт, најстариот син на починатиот кубански претседател, Фидел Кастро, си го одзел животот во четвртокот на 68-годишна возраст, пренесоа светските агенции.

„Докторот за наука Фидел Кастро Дијаз-Баларт, кој поради тешка депресија со месеци беше под лекарски надзор, денес, први февруари наутро, си го одзеде животот “, напиша официјалното списание „Гранма“.

Кастро помладиот, кој поради големата сличност со својот татко го доби прекарот Фиделито, бил примен во болница поради депресија, а потоа лечењето го продолжил надвор од болница. Студирал нуклеарна физика во поранешниот Советски Сојуз, а во моментот на смртта работел како научен советник во Кубанскиот Државен Совет и како претседател на Кубанската Научна Академија.

Неговиот татко, кој за време на Студената војна изгради комунистичка држава на прагот на САД, почина пред повеќе од една година, на 26 ноември 2016-та година, на возраст од 90 години.