Голема гранка од дрво во паркот покрај кејот, наспроти Центарот за култура, падна попладнево на коловозот во зоната за пешаци. Само неколку моменти пред да се скрши и падне тешката гранка, оттука поминал мотоциклист, кој за среќа минал неповреден, раскажуваат очевидци за OhridNews.
Вчера во Охрид интензивно врнеше дожд и дуваше „Југ“, што најверојатно придонело за кршењето на гранката од дрво од видот „софора“, старо повеќе од половина век.
На местото на настанот веднаш излегоа екипи на „Паркови и зеленило“ при јавното комунално претпријатие од Охрид, кои ја отстрануваа гранката од коловозот. Надлежните најавија дека ќе се согледаат оштетувањата на целото дрво и доколку се утврди дека истото претставува опасност по луѓето, ќе се преземат натамошни мерки, а ако биде потребно ќе се исече и целото дрво.
Дрворедите во Охрид се стари по неколку децении и потребно е нивно обновување, со што ќе се спречат слични инциденти во иднина, сметаат надлежните служби.