Во рамки на финалната показна вежба од обуката на надлежните служби за спасување на вода , денес во водите на езерото пред хотел Палас беше изведена симулација на несреќа на пловен објект, извлекување на давеници и укажување на прва помош. Во симулираната акција учествуваа припадници на граничната-езерска полиција, припадници на територијалната противпожарна бригада од Охрид и членови на единиците за безбедност на вода и планина при Црвен крст Охрид.

Пред секоја сезона во соработка со институциите, надлежни да реагираат во случаи на несреќа на вода,  организираме подготовки со цел ефикасно да се справиме со сите предизвици кои претстојат во текот на летото. Ги опфативме пловните објекти, педалинки, превртување чамец, давање прва помош со дефибрилатори. Сите овие луѓе кои учествуваа во обуките се подготвени да укажат прва помош според сите светски стандарди, рече претседателот на општинскиот Црвен крст Сашо Точков.

Обуките и оваа година се изведуваа под водство на инструкторите за безбедност на вода и прва помош од Операција Флориан и Црвен крст Охрид.

Веќе петта година сме вклучени во овие обуки и секоја година сум се поимпресиониран од она што надлежните за спасување го имаат научено и како реагираат. Очигледно е дека тие се се подобри, изјави Вик Копицки од операцијата Флориан.

Денес во симулираните акции за извлекување давеници од вода беа вклучени припадниците на Граничната полиција и вработени во Противпожарната служба .

Охрид е единствената противпожарна единица која располага со дефибрилатори. Подготвени сме за сите технички интервенции како регионална единица и секогаш сме во служба на граѓаните, вели заменик командирот на противпожарната единица Охрид,Горан Маркоски.

Надлежните се надеваат дека оваа летна сезона ќе има што помал број на несреќни случаи во вода.

Т.К.