Со наближувањето на локалните избори, се почести се и телефонските анкети, преку кои партиите сакаат да го дознаат мислењето на гласачите и дали потенцијалните кандидати се омилени или не кај граѓаните, што е еден од предусловите на гласачките ливчиња да се заокружи нивното име.

Граѓаните се прашуваат за позитивно или негативно мислење за актуелниот советник од СДСМ и професор на Факултетот за туризам и угостителство, Јован Стојаноски, за Науме Јованоски-бизнисмен и екс претседател на ОО на СДСМ, Лазе Таневски-приватен бизнисмен и познат угостител од Охрид и сопственик на елитниот хотел „Лаки Спа“ и Елизабета Русеска, вработена во државниот сектор.

Анкетираните треба да дадат одговор на истото прашање и за четири имиња од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Меѓу нив, за актуелниот градоначалник Никола Бакрачески, за пратеникот во два мандати и до неодамна прв човек на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов, за Дејан Паноски-кој беше дел од последните два состави на советот на општина Охрид, во тимот на Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското езеро, како и шеф на изборниот штаб на партијата на минатите локални избори и за портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

На граѓаните им било поставувано и прашањето: за кого би гласале доколу во потесната трка за градоначалник се соочат Никола Бакрачески и Лазе Таневски?

Претседателите на најголемите политички партии, во изјави за медиумите, веќе потврдија дека при изборот на кандидатот за градоначалник, меѓу другото ќе се водат и од мислењето и реномето кое потенцијалниот кандидат ќе го има кај сограѓаните.

– Да ги видиме најдобрите кандидати, не за Заев, Спасовски, Шеќеринска, туку за граѓаните, да видиме кои кандидати тие ги сакаат за татко или мајка на градот“, изјави неодамна Заев.

Од ВМРО ДПМНЕ, кон средината на август ги објавија првите пет имиња на кандидати за градоначалници за општините: Струмица, Петровец, Велес, Кривогаштани и Куманово. При тоа потенцираа дека изборот на кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори се темели на професионалните и лични карактеристики на кандидатите, нивната одговорност и посветеност кон работата, поддршката која што ја имаат меѓу граѓаните во општините во коишто живеат, како и угледот и кредибилитетот кој ќе гарантира спроведување на една одлично подготвена и сериозна програма наменета за таа општина.

Т.К.