Акцијата за отстранување на бесправно изградените објекти во Охрид, што се спроведува во рамки на активностите за зачувување на вредното светско културно и природно наследство заштитено од УНЕСКО, продолжува со несмален интензитет.

Во тек е отстранување на уште една, втора бетонска база, овој пат во населбата „Радојца Новичиќ“, кај поранешната касарна. Со механизација и работна сила интензивно се отстрануваат тешките конструкции, согласно решението на надлежниот инспекторат.

Во меѓувреме продолжува отстранувањето и на бетонската база во населбата Далјан, во непосредна близина на стариот пат Охрид – Струга, исто така изградена без соодветни дозволи. Таму активностите се во завршна фаза, информираат службите задолжени за спроведување на акцијата.

Градежната оператива задолжена за реализација на акцијата, делуваше и во непосредна близина на оваа база, каде според решението издадено од надлежните служби незаконски е изграден хотел.

Во рамки на акцијата за зачувување на статусот на Охрид во УНЕСКО, беа отстранети и повеќе шанкови и конструкции на првата брегова линија и од вода во Канео, Горица 3, Св. Стефан, Лагадин, Елешец.

Акцијата со несмален интензитет ќе продолжи понатаму, се додека не се отстранат сите бесправно изградени објекти, делови од објекти, конструкции и слично, за кои е издадено решение од надлежен инспекторат, најави Општина Охрид.

Охрид е едно универзално богатство сврстено на листа од 39 такви места во светот заштитени од УНЕСКО. Развитокот на туризмот не е во корелација со поставување на објекти на крајбрежјето од несоодветен материјал и навлегување во водите на најстарото езето во Европа во кое што живеат преку 200 ендемски видови. Ние конечно започнавме да средуваме долгогодишен проблем и да надминуваме состојби кои Охрид не ги заслужува. Мора на сите да ни стане јасно дека таков тип на урбанизација на крајбрежјето повеќе нема да има. – велат од Општина Охрид, која доби поддршка за преземените активности и од меѓународната зедница.

OhridNews