Се урнаа делови од руиниран објект на улицата „Климентов Универзитет“, за кој неоддамна со писмен допис до OhridNews се обратија жители од старото охридско јадро.
Иако тие апелираа дека оваа индивидуална куќа претставува константна опасност за минувачите кои поминуваат оттука и дека кровната конструкција е надвисната над улицата, сепак дождот и и силниот ветер го направија своето.
„Објектот паѓа сам од себе. Временските неприлики си направија своето. Среќа што во моментот кога се срушиле штиците, на улицата не поминувал никој. Но кој ќе одговараше доколку се случеше некаква трагедија? Уште колку треба да се чека интервенција од службите?“ – ревотирано прашуваат жители од старото охридско јадро.
Тие повторно реагираат до надлежните во скоро време да преземат соодветни мерки за решавање на овој проблем.
„Некој нека преземе мерки што поскоро, бидејќи кровот е надвиснат, каблите испреплетени, штиците искршени. Не е тоа само грда слика за овој дел на градот, туку и опасност. Додека се чека кој треба да реагира, подобро нека се реши проблемот.“ – велат охриѓани.
На почетокот од оваа недела од општина Охрид се огласија дека во изминатиот период преземени се активности за уривање на ризичните градби низ старото охридско јадро, односно на улицата „Богомилска“.
„Во однос на руинираните објекти, кои поради својата старост се опасни за минувачите, локалната самоуправа постапува согласно решението и предлогот на инспекциските служби од излегувањето на терен. Потоа, локалната самоуправа донесува решение со кое најпрво е обврзан сопственикот да ја руши градбата. Доколку тој во утврдениот рок не ги преземе активностите на кои е обврзан, локалната започнува постапка за таа да ги руши ваквите стари- ризични градби. Во тој случај трошокот за рушењето се фактурира на сметка на сопственикот.“ – велат од општина Охрид.
Охриѓани реагираат и на рунираните објекти кои се „трн во очите“ на улицата „Гоце Делчев“. Според нив, неретко овие распаднати индивидуални куќи со тек на времето постануваа мини-депонии и „атракција“ за туристите кои престојуваат на ривиерата.
O.T.