Се уште не е познат мотивот за трагедијата што се случи синоќа во скопската населба Кисела Вода, кога скопјанец ја уби вереницата и уште една жена, а потоа се застрела.

Како што пренесува „Макфакс“, синоќа околу 19 часот триесет и четиригодишниот Кирил Ристевски ја убил својата вереница, седум години помладата Виолета Талевска од Скопје.

 Ја застрелал во главата со пиштол, во станот каде што живееле со неговата осумдесет и четиригодишна баба на улица „Ѓорѓи Димитров“. Токму бабата го пријавила случајот во полиција.

Околу 19.30 часот во автомобилот сопственост на Кирил, пронајдено е телото на уште една жена која исто така била застрелана во главата.

Жената која била најдена во автомобилот се уште не е идентификувана. Мртовото тело на убиецот било најдено во 23 часот во кругот на основното училиште „Круме Кепески“.  Покрај неговото тело бил пронајден пиштол, којшто го поседувал со дозвола.

Полицијата изврши увид, а телата се предадени на обдукција. Мотивите за трагедијата не се познати, единствено се знае дека Кирил и Виолета  во саботата правеле веридба.

OhridNews
извор:„Макфакс“