Се’ уште не е познато што ќе содржи Извештајот што ќе го изготви комисијата на УНЕСКО за Охрид, по увидот кој го направи на терен, во средината на минатиот месец. Освен посетата на културно-историските локалитети и разгледување на природните вредности на Охрид, претставниците од УНЕСКО, зад затворени врати остварија средба и со градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески и со претставници на Националната комисија на УНЕСКО.

Во меѓувреме не запираат критиките на експертската јавност и граѓаните, во врска со Проектот за возобновување на Светиклименовиот универзитет на Плаошник и Проектот за туристичкиот комплекс во Љубаништа на индиецот Субрата Рој.

Во текот на минатата седница на Советот на Општина Охрид, советниците на СДСМ, пред новинарите уште еднаш предупредија дека градбите кои се градат на Плаошник ќе му наштетат на Охрид.

-Опозицијата цврсто стои на ставот дека она што се прави на Плошник е лошо за Охрид и за охриѓани, за нашето културно и историско наследство. Тоа преставува сквернавење на нашите традиционални и духовни вредности.  Таму ќе се ќе градат 23 објекти, бетонски и армирани, кои не само што ја менуваат визурата, туку ја менуваат и целокупната природа и вокација на тоа место, кое треба да е центар и на духовното и на световното, не само на христијаните туку и на муслиманите, изјави Томислав Тунтев, координатор на Советничката група на СДСМ.

Тој истакна дека час поскоро градбата на Плаошник треба да престане и надлежните органи да го преиспитаат целокупниот проект.

Претставникот на Националната комисија на УНЕКО, Дејан Паноски, на новинарско прашање поврзано со посетата на комисијата, само кратко одговори дека не може да коментира ништо, додека не го види Извештајот на комисијата кој е посветен на состојбите во Охрид.

OhridNews