Утврдување на границите и контактните зони на археолошкиот локалитет „Раица“ и средновековната црква „Света Богородица“ во Љубаништа, се најзначајните активности кои се спроведуваа во текот на месеците јули и август, како дел од втората фаза на Заштитно археолошките истражувања предвидени за овие значајни културно историски откритија.
Истражувањата се дел од Годишната програма на Министерството за култура, а за нивната реализација беа задолжени стручните екипи на Завод и Музеј од Охрид.
-Во текот на досегашните активности се вршеше расчистување на просторот и утврдување на границите на локалитетот. Во иднина ќе се пристапи кон изработка на елаборати за ревалоризација и заштитно конзерваторски основи за урабанизација на просторот, каде овие локалитети ќе бидат соодветно конзервирани и презентирани, појаснува Тања Паскали Бунташеска директор на Завод и музеј од Охрид.
Во досегашните истражувања беа откриени два објекти, едниот е ранохристијанска базилика со мозаични подови, а другиот според претпоставките на археолозите е од профан карактер.
-Во близина на остатоците од првата градба констатиран е уште еден објект на ранохристијанска базилика изграден од камен, малтер и редови тули. Објектот е со широчина од 13 метри, а во тек е истражувањето на должината за која се претпоставува дека е над 17 метри. За време на сондирањето, констатирано е добро зачуван мозаичен под кој е високо технички и уметнички изведен, со фитоморфна орнаментика. Исто така на самите ѕидови откриени се и фрески. Во текот на истражувањето пронајдени се и повеќе елементи од камена пластика, информираа од Завод и музеј по првата фаза од Заштитно археолошките истражувања, кои се вршеа во текот на минатата година.
Инаку истражувањето на овие археолошки локалитетите за прв пат започнало во 70-тите години на минатиот век.
Е.М