Во текот на јули и август биле правени процени на остварување на целите од владината мерката за увоз на автомобили, при што е заклучено дека е постигнат социјалниот карактер на мерката и позитивно е унапреден и обновен возниот парк во земјата во однос на оној пред воведување на мерката, па оттаму и поради дополнително унапредување на животната средина, Владата одлучи да се скратат роковите за можност за увоз на автомобили кои беа важечки претходно, а со кои се овозможуваше увоз на половни автомобили со стандард на моторите ЕУРО 2 и ЕУРО 3, соопшти денеска на прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, пренесува „Макфакс“.
Со новите одлуки и измената на правилникот во Министерството за економија кој ја регулира оваа дејност и кој е стапен во сила, како што посочи Ѓорѓиев,се воспостави можност увозот на автомобилите со ЕУРО 2 стандард да може да се врши наместо до февруари 2016 година кој беше стар рок, најдоцна до 31-ви декември 2014 година кој е нов рок, и во кој би се завршиле оние постапки за увоз на ваков вид автомобили кои се веќе започнати.
Возилата со ЕУРО 3 стандард на моторот, пак, ќе може да се увезуваат најдоцна до 30-ти јуни 2015 година, а од 1-ви јули 2015 година увозот на автомобили ќе биде можен само доколку истите ја исполнуваат минималната норма ЕУРО 4 стандард на моторот.
Според владиниот портпарол, целта е на овој начин и со оваа динамика постепено но и во побрз рок, да дојде до повторна обнова на возниот парк на повисоко ниво, како што тоа се случи кога во минатото со претходните одлуки се изврши трансформација и замена на возилата кои беа без стандард, или со ЕУРО 0 или ЕУРО 1 стандард на моторите, со понови возила со ЕУРО 2 И ЕУРО 3 стандард на моторите.
Владата, рече Ѓорѓиев, исто така, донела мерка којашто се однесува и на повластениот увоз кој важеше во неколку наврати и за автобусите и минибусите и таа исто како и кај автомобилите, е забележани се позитивни ефекти. Притоа прецизираше дека процентот на автобуси без ЕУРО стандард паднал од околу 45 отсто на околу 15 проценти, процентот на автобуси со ЕУРО 0 стандард паднал на 5,5 отсто, кај автобусите со ЕУРО 1 стандард изнесува 6,5, а процентот на автобуси со ЕУРО 2 стандард пораснал од претходните околу 20 на сегашни околу 55 отсот, односно пораснал од 77 на 274 возила. Процентот, пак, на автобуси со ЕУРО 3 стандард изнесува 13 отсто, односно бројот на возила пораснал за околу 20, кај автобуси со ЕУРО 4 стандард изнесува 3 отсто а процентот автобуси ЕУРО 5 стандард е 1 отсто.
„На последната седница Владата зазема политички став дека е потребно да се овозможи увоз на автобуси и минибуси кои имаат стандард ЕУРО 3, во рок на траење не подолг од една година од денот на носење на нормативната измена. Поентата на ваквиот став е да се овозможи реобнова на возниот парк како со претходните мерки, кога автобусите и минибусите без ЕУРО стандард, или со стандард ЕУРО 0 се заменуваа со автобуси и минибуси со стандард ЕУРО 2, сега со евентуалните нови измени кои се многу веројатни автобусите и минибусите кои сега имаат стандард ЕУРО 1 и ЕУРО 2 да се заменуваат со автобуси и минибуси со ЕУРО 3 стандард. Во периодот од следниве десетина дена Министерот за економија ќе направи финална консултација со засегнатите странки и со институциите, како и финална проценка за измена на правилникот кој ја уредува оваа дејност, со која евентуална измена која е доста извесна, би се предвиделе модалитетите, начините на овозможениот увоз, како и конкретниот рок на траење на ваквата можност“, рече Ѓорѓиев.
OhridNews
извор:„Макфакс“